Општи информации

Општи информации - 1 историјат

Историјат на паркот

Шар Планинa е голем високопланински масив кој се протега во пограничната област помеѓу Северна Македонија и Косово. Подрачјето на Шар Планина се карактеризира со извонредни природни вредности и претставува европско жариште на биодиверзитетот. По неколкудецениско чекање, на 30 јуни 2021 година, Собранието на РСМ прогласи дел од Шар Планина за Национален парк.

Општи информации - 2 општи

Општи податоци

Според критериумите на ИУЦН, паркот спаѓа во заштитено подрачје од категоријата II - Национален парк, со повеќе од 75% од територијата под висок степен на заштита. Примарната функција на паркот е зачувување на веќе утврдените природните вредности и има задача да ја подобри добросостојбата на луѓето кои живеат во паркот, како и да обезбеди економски придобивки во повеќе сектори.

Паркот се простира на површина од 62 705 хектари и е богат е со шуми, пасишта, глацијални езера, водотеци и разновидна геоморфологија. Ррегионот се одликува со високи планини чии врвови лесно надминуваат 2.500 метри, додека највисок врв е Титов Врв кој се наоѓа на 2.748 метри надморска височина. Во границите на паркот постојат 27 села со околу 17.000 жители, поделени во седум општини: Јегуновце, Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуша.

Во паркот се наоѓа и скијачкиот центар Попова Шапка, кој располага со 3 жичници, неколку мали и средни ски-лифтови и ски стази во должина од 20км. Во околината на скијачкиот центар постојат неколку хотели, голем број на викендички за приватно сместување и неколку ресторани. Масовниот туризам е присутен во зимскиот период, додека во целиот дел од годината интензивно се развиваат различни видови на алтернативен туризам.

Општи информации - 3 - зонирање

Зонирање на паркот

За заштита на природните вредности и промоција на економскиот развој, во паркот се дефинирани 4 зони:

  • Зона на строга заштита (26,56%) - претставува подрачје со највисок интерес за заштита, примарно со изворни и неизменети карактеристики на екосистемите. Во оваа зона човековото влијание ќе треба да е сведено на минимум, па затоа и не се дозволени никакви интервенции. Зоната на строга заштита е поделена на 5 единици: Љуботен, Бистрица, Кобилица, Лешница и Маздрача. 
  • Зона на активно управување (49,06%) - простор од висок интерес за заштита во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација и одржување, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот. Ги опфаќа регионите за традиционална испаша и значајните шумски екосистеми на Шар Планина.
  • Зона на одржливо користење (22,02%) - опфаќа инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шуми кои се под влијание на човекови активности и планинските населени места со околното земјоделско земјиште. Во оваа зона е дозволено користење на природните ресурси на начин што не го загрозува опстанокот на видовите и нивните живеалишта.
  • Заштитен појас (2,37%) - формиран околу постоечката инфраструктура на туристичката населба Попова Шапка и потенцијалното развојно подрачје на скијачкиот центар. Во заштитниот појас се предвидуваат мерки кои ќе го контролираат и намалат ефектот од економските активности во паркот.